Честопати живееме несвесно и во заблуда дека има време. Најголемата лага која нѝ ја сервира умот. Време за што?
Што значи времето?
Кој вели дека го имаме или дека го немаме? И што ни значи ако имаме или немаме? Нели сега помисливте на стравот, она чувство на страв кое не’ обзема кога помислуваме дека нема време, односно кога сфаќаме дека нема…
Е тоа чувство на страв е главниот катализатор внатре во нас , гласот кој ти вели ајде станувај, ајде живеј… Но, драги мои тоа кратко трае, ние во следниот момент повторно забораваме дека време нема. Ама колку повеќе пати сознанието ни удира во глава толку повеќе се доближуваме до промената. Толку повеќе ја храниме желбата внатре во нас, онаа желба за живот. И што е животот сега ќе се запрашате? Да патувам, да работам, да имам храна, да имам семејство… ИЛИ животот е се она што го правам кога не правам ништо! Да драги мои, живеењето живот е чувство, емоција внатре во нас која всушност не прави посреќни во среќата и похрабри во тагата.
Честопати мислиме дека кога сме активни, кога денот ни е исполнет со обврски, трчање и брзање тогаш за тој ден велиме дека е максимално искористен. Но, знаете што? Можеби најголемата уметност на живеењето е да знаеме кога е доста од тоа ДА ПРАВИМЕ нешто, туку кога е време само ДА БИДЕМЕ. Знаете и да бидеш среќен денес или да го испиеш своето кафе како најубавото денес или да ја конзумираш храната како највкусната денес или да се одмориш денес се многу работи кои го прават функционално твоето денес.
Зошто чувствувам вина кога не правам ништо во денот?
Самото прашање го содржи одговорот. Имено, ние имаме уверување дека е правење нешто само кога се чувствуваме активно. Иако честопати имаме потреба да го минеме цел ден во кревет и иако тоа понекогаш си го дозволуваме многу често има едно гласче кое ни вели па ајде станувај цел ден ли ќе го поминеш во кревет? Токму тоа е нашето уверување за правење НИШТО.
Што значи да правиме НИШТО?
Прочитајте убаво во поднасловот, пишува ДА ПРАВИМЕ НИШТО, А НЕ ДА НЕ ПРАВИМЕ НИШТО. Го знаете она прашање кога ќе ја сретнете пријателката и ќе прашате што правеше викендов и добивате одговор па ништо посебно ниту продуктивно, цел викенд лежев и одмарав. И тој поглед како да очекуваме осуда дека не сме правеле ништо. Е токму тие празни моменти што ако ви кажам дека се извор на нашата инспирација? Да, токму така. Преку правење НИШТО дури и преку стишување на нашите мисли ние успеваме да комуницираме со изворот, со креаторот, со универзумот, со енергијата. И тоа НИШТО е патот кој може да не доведе до можноста да го слушнеме сето она што не го слушаме инаку поради бучавата која ја создаваат нашите мисли, стравови, грижи, планови или очекувања.
Како моето НИШТО да биде продуктивно за мене?
Тука имаме интересен момент. Всушност, ние може да правиме НИШТО, но тоа нема да ја згасне нашата внатрешна потреба да чувствуваме дека сепак правиме нешто за нас. За да можеме да го креираме тоа чувство потребно ни е да имаме само еден фокус, а тоа е да ги “фатиме” само оние мисли кои всушност се нови, мисли кои кога ќе ни паднат на памет ќе предизвикаат чувство како да сме се сетиле на нешто ново. За почеток доволно е само да освестиме дека имаме многу нови, потиснати мисли кои чекаат да излезат на површина.
А за тоа како да комуницираме со изворот и инспирацијата…бидете тука. И едно запомнете, живејте, но никогаш не барајте доказ за живеењето, туку барајте емоција во
животот.